ЦФЦД

Секторот за централно финансирање и склучување договори има посебна интернет страница на која се објавуваат сите релевантни информации за искористувањето на ИПА помошта во Република Северна Македонија - cfcd.finance.gov.mk


Секторот за централно финансирање и склучување договори (ЦФЦД) е сектор во рамките на Министерството за финансии на Република Северна Македонија, чија цел е да обезбеди соодветна, ефективна и ефикасна имплементација на проекти финансирани од ИПА, истовремено почитувајќи ги принципите на стабилно финансиско управување и примена на соодветни контроли.

ЦФЦД, како централно тело за склучување на договори за ИПА (2007-2013) инструментот и ИПА II (2014-2020) инструментот е одговорно за спроведувањето на тендерските постапки, склучувањето на договори, следење и исплата на проектите финансирани од ЕУ- ИПА во рамките на децентрализираниот систем за управување во Република Северна Македонија.

Досега, ЦФЦД беше надлежен за стабилно финансиско управување на проекти кои се финансираа од страна на следниве ИПА компоненти:

  • ИПА Компонента I – Помош во период на транзиција и градење институции
  • ИПА Компонента III – Регионален развој
  • ИПА Компонента IV – Развој на човечки ресурси

Во иста насока, овој инструмент продолжи да функционира и во периодот 2014-2020 година, преку новата Финансиска перспектива и изменетиот Инструмент ИПА II. Компонентите што беа карактеристика за ИПА I инструментот за програмскиот период 2007-2013 се заменија со „области на дејствување“ и со секторски пристап во управување со помошта во ИПА II инструментот за финансиската перспектива 2014-2020. Со таа цел, земјата ги воспостави потребните структури и ги назначи клучните органи потребни за индиректно спроведување на ИПА II инструментот.

Во врска со Секторот за централно финансирање и склучување договори во Министерството за финансии, треба да се нагласи дека неговата улога во воспоставениот систем на индиректно управување со помошта од ИПА доделена за периодот 2014-2020 (ИПА II) остана непроменета во однос на одговорностите за спроведување на тендерски постапки, потпишување на договори и извршување на плаќања. Во оваа смисла, ЦФЦД ќе дејствува како Договорно тело за индиректно спроведување на следниве програми:

  • Акциска програма на Република Македонија за 2014 година - IPA / 2014 / 037-701, Активност 3 - Програма за поддршка на секторот за правда; Активност 4 - Внатрешни работи: спроведување на системот за одржливост и обновување на податоци - втора фаза; Активност 5 - Внатрешни работи: понатамошен развој на капацитетите за истражување на кривични дела,
  • Повеќегодишна Секторска Оперативна програма на Република Македонија за животна средина и климатски промени за периодот 2014-2020 година,
  • Повеќегодишна Секторска Оперативна програма на Република Македонија за транспорт за периодот 2014-2020 година.
  • Акциска програма на Република Македонија за 2017 година (Акција 4: ЕУ поддршка за образование, вработување и социјална политика (Резултати 2 и 3)).

Раководителот на ЦФЦД во исто време е назначен и за програмски службеник за авторизација (ПАО) за ИПА Компонента I, како и раководител на оперативна структура (ХОС) за ИПА Компонента III и IV. Исто така, Раководителот на Секторот за централно финансирање и склучување договори беше назначен и за раководител на соодветните оперативни структури за индиректно управување со ИПА-инструментот во рамките на финансиската перспектива 2014-2020.

Задачите кои се однесуваат на програмирање, техничка имплементација и следење на реализацијата на договорите се делегирани на надлежните линиски министерства/ институции – кориснички, со Оперативен договор потпишан од страна на ПАО/ХОС и вишите програмски службеници СПО/ ИПА координатори.

ЦФЦД ја надгледува реализацијата на проектите, а ПАО/ХОС ја задржува целосната одговорност за реализација на истите и обезбедува ефективно надгледување за соодветна реализација на задачите делегирани од страна на СПО/ ИПА координаторите.

Лица за контакт:

Помошник раководител на сектор
Тања Жежова
Т: 02 3255 308
tanja.beginova@finance.gov.mk