27 декември 2020, Скопје - Во продолжение е Белешката на министерот за финансии Фатмир Бесими за економските случувања годинава очекувањата за следната година и за периодот до 2025.
Вести
23 декември 2020, Скопје Зоран Фурнаџиски од Берово е добитникот на главната награда од еден милион денари во наградната игра МојДДВ, #МојаНаграда. Јавното извлекување на наградите се одржа во саботата вечерта на Канал 5 телевизија.
22 декември 2020, Скопје - Антикризните мерки го амортизираа падот на економската активност, којшто дојде како резултат на кризата предизвикана од ковид-19. Доколку не се дејствуваше брзо преку јавната потрошувачка, економскиот пад за првите три квартали ќе беше за 1,2 процентни поени поголем, односно наместо 5,9% за првите три квартали, ќе беше околу 7,1%. Во наредниот период, фокусот во економијата ќе биде пред сѐ заздравување, но и поставување основи за забрзан и одржлив раст, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на конференцијата „Социоекономско влијание на ковид-19 во Северна Македонија - научени лекции и препораки за успешна и одржлива обнова“ во организација на УНДП и Фајненс Тинк.
20 декември 2020, Скопје - Собранието го усвои Буџетот за 2021 година. Ова е прв среднорочен буџет претставен пред и усвоен од Собранието со очекување за раст на економијата догодина од 4,1% и намалување на буџетскиот дефицит за 3,6 процентни поени во однос на годинешниот. Како што беше истакнато при неговото презентирање, главни цели се зачувување на здравјето на граѓаните, здравјето на економијата и забрзан раст и структурни реформи.
18 декември 2020, Скопје - „Нашата главна цел е, на среден рок, да го забрзаме економскиот раст од 2 до 2,5% во последната деценија на 4 до 5% просечен годишен раст во следните пет години. Ова ќе го постигнеме преку Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст – SmartER Growth, чиј составен дел е и Буџетот за 2021 година“, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на 4-та меѓународна конференција што се одржа во организација на Универзитетот „Мајка Тереза“, на тема „Како до одржлив развој“.
17 декември 2020, Скопје - „Министерството за финансии, наредната година, е предвиденo да ja реализира најголемата реформа во областа на пазарот на капитал. Постојниот Закон за хартии од вредност ќе биде заменет со два нови закона: Закон за финансиски инструменти и Закон за проспекти за хартии од вредност и обврски на издавачите за транспарентност. Со оваа реформа ќе се создадат услови за развој на нови производи и услуги на финансискиот пазар во Република Северна Македонија, ќе се обезбеди повисоко ниво на стабилност на пазарот, ќе се зајакнат овластувањата на надзорните органи, и ќе се подобри заштитата на инвеститорите и на сите учесници на пазарот“, истакна министерот за финансии на настанот „Берзите во 2020 година – осврт на локалниот и глобалните пазари“, во организација на Македонска берза.
17 декември 2020, Скопје - Министерот за финансии, Фатмир Бесими, оствари средба со амбасадорот на Франција во земјава, Сирил Бомгартнер. Министерот го информира амбасадорот за економскиот план на Владата за справување со кризата, како и за клучните реформи и стратегии што се изработуваат во рамки на Министерството за финансии, а коишто треба да овозможат забрзан, одржлив и инклузивен раст.
16 декември 2020, Скопје - Средства за еднократен надоместок за сите медецински лица и помошен персонал во болниците коишто ги третираат заболените од ковид-19, како и средства за набавка на инсулин и набавка на вакцини против ковид-19 се обезбедуваат со дел од средствата од пренамената во Буџетот за годинава, во вкупен износ од 1,3 милијарди денари, којашто денеска беше одобрена од страна на Собранието. Исто така, со пренамената се обезбедени средства за Гарантниот фонд, за исплата на државна помош по основ на склучени договори, како и за купување на зградата од ПУИГ.
16 декември 2020, Скопје - Да се обезбеди поголема праведност во оданочувањето, подобра наплата на приходи, даночен систем којшто ќе поттикне инвестиции и иновации а со тоа и економски раст, поголема даночна одговорност (подигнување на свеста за потребата за плаќање даноци), повисока даночна транспарентност, поголем квалитет на услугите, дигитализација и зелено даночење, се приоритети на петгодишната Стратегија за реформа на даночниот систем, за којашто денеска беше организирана јавна дискусија во Министерството за финансии со институциите, бизнис, експертската и невладината јавност, на која присуствуваше и министерот за финансии, Фатмир Бесими.
15 декември 2020, Скопје - Нов систем на раководна отчетност во финансиското управување и контрола на институциите од јавниот сектор ќе се создаде со новиот Закон за системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими, на јавна дискусија за новиот Нацрт-закон.